Домашно масло од морков: синоним за убава, еластична и младешка кожа


Здраво драги мои,

како што можевте да прочитате од насловот во денешнава статија ќе говориме за маслото од мокров и тоа она кое нам најмногу ни се допаѓа, односно домашно подготвеното.

Ова масло е едно од најомилените на поголем број на девојки и жени со оглед на тоа што претставува фантастичен производ за регенерација, детоксификација и хранење на кожата. Особено е корисно кај возрасната кожа со оглед на тоа што е богато со витамин А и ја оддржува еластичноста на кожата и со самото тоа ја спречува појавата на брчки.

Исто така ова масло ја стимулира и циркулацијата, а одлично ја намалува мускулната напнатост и помага при проблеми со артритис и реума.

Ајде најнапред да го направиме, па потоа ќе проговорам на кој начин најдобро да ги искористиме неговите бенефиции.

Доколку се сеќавате во една моја статија ви дадов рецепт за домашни масла од лаванда и невен кои ги правев со ладен метод, односно исушената билка ја оставав потопена во масло на суво месо околу 40 дена. Ладниот метод ми е омилен, меѓутоа овде ќе ви предложам еден друг вид на метод со оглед на тоа што како база не користиме сува билка, туку свеж морков кој во својот состав содржи вода.


Кога правам домашни масла со свежи билки или (во случајов) зеленчук, секогаш го употребувам методот на пареа, со оглед на тоа што доколку го правиме со ладниот метод мала количина од водата може да остане во маслото и да придонесе до прбргу расипување (односно ужегнување) на истото.

За домашното масло од моркови потребни ви се:

- моркови;
- сончогледово масло;
- чиста тегла;
- поголемо тенџере;
- една крпа
- вода

Најнапред убаво измијте ги морковите и дколку морковот не е органски, малку исчистете го најгорниот дел гребејќи го со помош на еден нож. Измијте ги морковите и оставете ги врз една крпа убаво да се исушат.

Откако се исушиле со помош на едно ренде за храна изрендајте ги ситно, ставете ги во теглата и потопете ги со маслото. Сите моркови треба комплетно да бидат покриени со масло.


Во меѓувреме во едно големо тенџере ставете ја на дното крпата, ставете ја врз неа теглата и наполнете вода во тенџерето. Внимавајте водата да не ви влезе во тегличката со масло.


Вклучете ја ринглата и откако водата ќе почне да се загрева, ставете ја на најниска температура и оставете така да подврива околу 3 часа. Нивото на водата треба да биде онолку колку и маслото во тегличката.

Од време на време додавајте вода во тенџерето затоа што испарува.

По истекот на времето оставете го маслото со морковите да се излади (најдобро цела вечер) и утредента процедете го со помош на една цедилка за чај. Убаво стискајте ги морковите со едно мало лажиче за да испуштат што повеќе од убавите состојки.


Откако ќе го прецедите оставете го во шишето или теглата каде сте го прецедиле уште еден ден, па направете второ процедување со помош на една газа.

При второто процедување внимавајте да не го ставите она последното масло на крај, затоа што доколку има малку вода, токму таму ќе се собере.

Ете, вашето домашно масло од морков е готово и сега може да преминеме на употребата.


Како што веќе напоменав на почетокот, ова масло е фантастично за кожата затоа што има огромно ревитализирачко дејство врз самата кожа благодарение на витаминот А, одредени витамини од групата Б, потоа ПП и Д. Маслото од морков е познато по тоа што ја задржува еластичноста на кожата и ја намалува или подобро речено забавува појавата на брчки на лицето. Исто така одлично е и за сува кожа.

Се користи на тој начин што мала количина од маслото (неколку капки) се нанесува на убаво исчистена и благо навлажнета кожа, најдобро навечер со цел кожата што подобро да ги искористи сите хранливи состојки.

Може да го нанесувате и во комбинација со алое вера гелот.

Доколку имате проблем со болки во мускулите, во тој случај во 50 мл. масло од морков додадете 20 капки едно од следниве етерични масла (или комбинации): лаванда, рузмарин, еукалиптус, мента, и масирајте го пределот каде имате болки.
Доколку како единствено етерично масло користите само мента или само еукалиптус, во тој случај ставете само 10 капки со оглед на тоа што се доста силни.

Доколку сакате што подолго да го задржите бронзениот тен по летните одмори, после секое туширање на благо навлажнета кожа, нанесете масло од морков кое не само што ќе ја нахрани и ревитализира кожата, туку ќе го направи вашиот тен поинтензивен, а и самата кожа ќе добие прекрасен сјај.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да направите едно вакво домашно масло кое ќе има безброј употреби во вашите козметички третмани.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments

  1. Prekrasno Viki ja radim moje maslo za suncanje Morkov orev zelen i maslinov zejtin i super potamnim Cula sam moze lavanda isto dobra sta mislis hvala

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга, јас не препорачувам масло како заштита за сончање. Маслото има свој СПФ фактор, меѓутоа не е доволен за да правилно ја заптити кожата. Потребни се заштитни филтри кога се изложуваме на сончевите зраци. Ова масло може да се користи за нега на кожата на лицето, за заштита на косата од сонцето на плажа, или пак како масло после сончање за нега на кожата на телото и продолжување на тенот. Поздрав

      Delete

Post a Comment