Rhassoul најдобар природен измивач директно од земјата


Здраво драги мои,

дали некогаш сте помислиле дека ќе ви предложам да се миете со “земја“ и да ви кажам дека кожата и косата ќе ви бидат чисти на најприроден можен начин??? Епа да, како што веќе видовте од насловот, денес ќе говориме за глината Rhassoul или Ghassoul која претставува најмоќен природен, биоразградлив и биолошки измивач за лице, тело и коса, која природата ни ја дава директно од земјата.

Јас овој тип на глина го имам многу користено во Италија, меѓутоа намерно ви го немам претставено овде затоа што до пред извесно време го немаше кај нас. Не може ни да замислите колку бев среќна кога ја открив 100% природната глина Rhassoul на Institut Organica донесена директно од Мароко, со одличен квалитет и структура. Јухуууу сега конечно може да ви предложам фантастични рецепти со овој вид на глина.


Оваа глина потекло води од Мароко и како што кажува и самиот збор од кој потекнува и името на оваа глина “Rassala“ (во превод од арапски миење или измивање) станува збор за еден уникатен вид на глина кој има измивачка моќ. Оваа своја моќ ја должи благодарение на уникатниот состав на сапунифицирани состојки, односно оние состојки кои во допир со вода прават блага пена и на најнежен можен начин ја измиваат кожата и косата. Токму и затоа се нарекува сапунифицирана глина.

Пред да преминеме на составот, ајде да кажам збор два за глината  Rhassoul  на Institut Organica. Како што кажав оваа глина е 100% чиста оригинална од Мароко. Има прекрасна свиленкаста прав структура и бледо розевкаста боја.


Доаѓа во пакување од пластична тегличка со навистина оригинална амбалажа која дава чувство на природен производ, рачно изработен и пред сѐ со љубов. Навистина многу ми се допаѓа што е посветено големо внимание на амбалажата и изгледот на производот. Исто така нешто што е особено важно е фактот што има печат за сигурност односно лепенка која е поставена од внатре, со цел да се заштити купувачот од отворен производ. Изгледаат мали детали, меѓутоа јас посветувам големо внимание на ова, и сметам дека е многу значајно.


Оваа глина има минерализирачко, измивачко и прочистувачко дејство врз кожата и косата, и богата е со олигоминерали. Во допир со вода го зголемува волуменот, при нанесување на кожата или косата има својство да ги апсорбира мртвите клетки, мастите и нечистотијата, и кога ќе се измие со вода ги измива и нив. Во својата структура богата е најнапред со силика и магнезиум (дури до 70%), а секако содржи и други минерали како алуминиум, железо, калциум, потасиум и содиум.

Начините на кои може да се користи оваа глина се навистина многубројни (ќе ги разгледаме сите во текот на статијата), а својствата и ефектот се воодушевувачки. Оваа глина одговара при многу разни состојби на кожата и косата и тоа:

- нечиста кожа склона кон акни;
- кожа која лачи вишок на себум;
- масна коса;
- кожа на темето на главата со себореичен дерматит;
- чувствителна кожа;


Како маска за лице овој вид на глина одговара за скоро сите видови на кожа (дури и онаа најчувствителната), со оглед на тоа што одлично измива, прочистува, го регулира вишокот на себум, ги отстранува мртвите клетки од кожата, во случај на егзема ја подобрува состојбата и одлично ги намалува проширените пори на лицето. Истовремено има и ленитивно дејство со оглед на тоа што е помалку агресивна од останатите глини (на пример зелената) и има благо омекнувачко дејство врз кожата. Верувајте по употребата кожата на лицето ќе ви биде мека и мазна како никогаш досега.

Во зависност од типот на кожата може да ја користите чиста само со вода (во случај на комбинирана до масна кожа) или да додадете и мед кој одговара за сите типови на кожа и кој ќе го зголеми омекнувачкото и прочистувачкото дејство на самата глина.

Исто така може да ја користите и како средство за измивање на кожата наместо гел или пена за измивање. Во тој случај земете половина кафена лажичка глина расул и додадете околу 3 до 4 кафени лажички вода и со смесата мијте го лицето како да е гел за измивање на лице.


Кога станува збор за косата, верувајте ми не постои подобар производ за здравјето и убавината на косата од оваа глина. Најнапред ја зајакнува косата и го спречува прекумерното опаѓање на косата. Го регулира вишокот на себум и е одлична во случај на себореичен дерматит. Ја остава косата чиста, мека и што е најважно дава огромен сјај.

Друго нешто кое е важно да се спомене е, благодарение на огромната апсорбирачка моќ, оваа глина ќе ве ослободи од силиконите во косата. Се сеќавате кога говорев за премин од обични (традиционални) кон органски шампони, дека потребни се најмалку 15 миења (а може и повеќе во зависност од типот и состојбата на вашата коса) за комплетно да се измијат силиконите и да ја видите состојбата на косата? Ете оваа глина тоа ќе го стори од 4 миења (сепак ова зависи од коса до коса и различно е за секого). Оваа глина одлично ги отстранува сите штетни работи од косата кои досега сме ги нанесувале.

Ефектот кој ќе го добиете секако зависи од состојбата на вашата коса и од тоа колку често и долго сте нанесувале традиционални производи. Најнапред може да чувствувате дека имате сува коса или дека состојбата е влошена, ама тоа драги мои е вашата коса под силиконите. Само упорноста е главен збор за да стигнете до убава и здрава коса.

Кај мојата коса (која веќе 11 години е без силикони со оглед на тоа што користам само органски или добро формулирани производи), оваа глина одма измива и воопшто не ја остава сува. Навистина одлично делува кај мојата коса. Меѓутоа и ова е индивидуално, затоа потребно е да пробате и сами да оцените каков ефект дава. Лично кај мене, забележувам дека косата е појака (за време на миењето и чешлањето паѓаат многу помалку влакна од обично, скоро двојно помалку). Јас сега кога ја открив овде оваа глина имам намера да ја користам само оваа за миење на косата (освен ако не треба да пробам нов шампон само за вас).

Иако во самото пакување на глината на Institut Organica може да пронајдете една мала книгичка со рецепти за кожа и коса (што според мене е генијано)


јас сепак во продолжение ќе ви дадам едно видео како да направите на многу лесен начин еден производ со глината расул кој претставува 2 во 1: маска за лице за секаков тип на кожа (од сува до масна) и шампон за коса кој одлично измива и ја остава косата сјајна (на крајот од видеото ќе ги видите ефектите врз мојата коса). Можеби некаде ќе прочитате дека овој тип на глина не одговара за хемиски третирана коса на пример фарбана или шатирана, меѓутоа еве јас го побивам тоа, а ќе го забележите и од самите слики дека одлично измива и одговара.

Пред да ви го претставам видеото, само да ви дадам неколку важни и корисни совети:

За лице:


Како маска за лице нанесете ја на убаво исчистено лице и оставете да делува сѐ додека да почне малку да се суши и да затега. Не оставајте скроз до крај да се исуши. Ефектот врз кожата е неверојатен, навистина ги намалува проширените пори, на природен начин ги отстранува црнките од лицето, го регулира вишокот на себум кај масната кожа и што е најважно кожата ја остава перфектно мека и мазна (како бебешка кожа).

За коса:


Јас ја користев како шампон за коса. Ја нанесов на многу мокра коса само на коренот од косата. Ова е многу важно затоа што ако се нанесе и на врвовите може да ви даде ефект на сува коса. Не се секирајте ќе ги измие и нив, со оглед на тоа што при миењето ќе падне надолу по косата и ќе ги измие и врвовите. Може да ја држите како шампон минимум 15 мин. до максимум саат време (јас ја држев околу 40 мин,). Во самиот рецепт ќе видите дека не ја користам чиста туку во комбинација со мед, за да ја омекнам косата. Имам читано дека после употребата на овој тип на глина косата може да биде малку посува и да треба регенератор, верувајте ми тоа не беше случај со мене. Косата ми беше мазна како да сум нанела 2 во 1 шампон со регенератор. Ова сигурно се должи на медот кој омекнува.

По истекот на 40-те минути, ја измив косата само со вода. Клучот е убаво да се измие косата затоа што ако не ја измиете темелно (многу повеќе отколку со обичен шампон), кога ќе се исуши ќе имате траги од прав. Доколку убаво ја измиете косата ќе ви биде сјајна. Јас откако ја измив, ставив само природни масла како замена за силиконски капки само по должината на косата (како што обично правам) и ја исушив со фен на слаба јачина.

Доколку за почеток сакате да ја користите како маска за коса во тој случај наместо мед, додадете кокосово масло, шеа путер, или било кое друго масло. Ова не го додавајте доколку ја користите како шампон, затоа што глината ги измива нечистотиите од косата, ама нема толку голема моќ за да ги одмие и додатните масла кои сме ги нанеле со оглед на тоа што нема сурфактанти. Како маска глината со маслото одмијте ја со благ шампон органски ве молам без силикони.

Еве погледнете го видеото како најлесно да го направите овој прекрасен рецепт 2 во 1 за кожа и коса:



Ете драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а доколку е така, оставете ваш коментар, ставете LIKE на видеото и обавезно направете SUBSCRIBE на мојот youtube канал за да ставам уште многу нови интересни видеа.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Многу убава статија. Би сакала да го пробам шампонот, со оглед на тоа што имам мрсна коса, мислам дека добро ќе ми дојде третманот со глината.
    Погоре имаш спомнато дека глината веќе ја има и во Македонија. Каде може да се најде поточно и која цена е отприлика. Благодарам многу :)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ирена и ти благодарам на убавите зборови. Глината може да ја најдеш во Космо и цената е 490 денари. Пробај ја па пиши импресии како ти се допаднала. Се надевам дека ќе ти одговара како третман. Поздрав.

      Delete

Post a Comment