Високо хранлива и хидратантна маска за лице, а богами и за коса


Здраво драги мои,

како што вчера ви најавив, еве ја статијата за маската која според мене има одлично дејство врз кожата затоа што ја омекнува, ја хидрира, ја враќа изгубената свежина и сјај на вашата кожа, а богами и коса. Количината која ќе ја направиме овде ќе биде малку поголема за да може да ја искористите и за кожата и за косата (во продолжение ќе ги видите резултатите), меѓутоа доколку вие сакате да ја искористите само за кожата на лицето, во тој случак намалете ја количината на секоја од состојките.

Мене лично оваа маска премногу ми се допаѓа, најнапред затоа што е навистина многу едноставна за подготовка, а потоа и затоа што една толку едноставна смеса има навистина одлично дејство врз кожата. Ајде да не должам многу и да започнеме со подготовката на истата.

Потребни состојки за базата на оваа маска:

1 краставица
1 многу зрела банана
2 до 3 супени лажици јогурт
1 супена лажица мед

Најнапред излупете ја краставицата и изведете ги семките од неа. Ова го правиме, затоа што семките се многу богати со вода и може да ја направат маската многу потечна. Исчистената краставица ставете ја во еден блендер и додадете ја излупената банана. Колку е позрела бананата, толку подобро. Избегнувајте зелени незрели банани. За оваа намена најдобри се они зрелите меки банани. Додадете ги јогуртот и медот и  почнете да фрулате сѐ додека да добиете убава изедначена смеса.  Поделете ја смесата на два дела една за лице и една за коса.

Во онаа за лице за комбинирана до масна кожа додадете:


половина кафена лажичка масло од јојоба или арган
2 кафени лажички зелена глина
1 кафена лажичка нишесте

Убаво помешајте ја смесата и видете ја структурата, доколку е премногу течна додадете уште малку зелена глина и нишесте. Треба да добиете смеса која не капе и не паѓа од лицето, туку е убава кремасто густа како вистинска маска. Доколку пак е премногу густа, додадете малку од остатокот од смесата база која го тргнавте за косата.

Во маската за лице за нормална до сува кожа додадете

1 кафена лажичка масло по ваш избор (арган, авокадо, маслиново, пченични никулци)
нишесте (онолку колку е доволно да се направи убава маска)

Маската обилно се нанесува на убаво исчистено лице (ставете подебел слој слободно) и се остава околу 15мин кај онаа за сува кожа, а за масна кожа се измива кога глината ќе почне да затега (не оставајте комплетно да се исуши). Се чисти со едно козметичко сунѓерче навлажнето со млака вода и на крај миењео се завршува со поладна вода за да ги затворите порите и да ја подобрите циркулацијата.


Зошто токму овие состојки:

Краставицата одлично ја хидрира кожата, смирува евентуални иритации и е одлична за секаков тип на кожа. Знам дека не е сезона на краставици, меѓутоа сеуште може да се најдат. Јас имав дома една и кога ја ставив во маската, навистина ефектот беше преубав.

Бананата има огромна хранлива моќ и одлично ја омекнува кожата. Оние кои имаат комбинирана до масна кожа и проблем со акни, слободно нека ја изгребат и внатрешната страна од кората од банана, затоа што има астрингентно дејство врз кожата и одлична е во случај на акни.

Медот е одличен за сите видови на кожа. Има омекнувачко дејство, анти ејџ влијание, антибактериско влијание и.т.н. Навистина одговара кај скоро секој тип на кожа и проблематика.

Нишестето има одлично омекнувачко дејство врз кожата и е одлично за сува кожа. Меѓутоа во комбинација со зелената глина има одлично апсорбирачко дејство, а и ја ублажува на некој начин зелената глина.

Зелената глина е одлична за комбинирана до масна кожа, особено при проблем со црнки и митесери. Го апсорбира вишокот на масти од кожата и ја чисти самата кожа.


Остатокот кој го тргнавте за косата може да го користите на два начина и тоа: како маска за сува коса или како третман за масен корен.

Маска за сува коса

На базата која е веќе готова додадете една супена лажица оцет и малку нишесте за да добиете убава смеса (не претструвајте со нишестето, за косата маската може да биде и малку потечна). Се нанесува на сува коса (во маската има и водени и масни компоненти не е само на база на масла, така да може на сува коса) по должината на косата. Се обвиткува со ќеса и пешкир и се остава така најмалку 30 мин. По истекот на времето се мие со убав шампон и миењето се завршува со малку поладна вода. Оцетот ќе даде висок сјај на влакното, а нишестето ќе ја омекне косата.

Маска за масна коса (масен корен)

На базата на маската се додава само зелена глина, онолку колку е доволно за да се направи убава смеса. Се нанесува само на коренот на косата и се покрива со ќеса и пешкир. Се остава од 20 до 30 мин. така покриена и потоа се мие косата со убав неагресивен шампон. Миењето се завршува со поладна вода. Оваа маска благодарение на јогуртот, краставицата и глината одлично го регулира лачењето на себум и ги влече вишокот на маснотии. Истовремено бананата и медот омекнуваат.

Јас ја направив онаа за сува коса и еве го резултатот



Косата беше премека на допир и имаше преубав сјај. Истовремено беше доста хидрирана и нахранета. Кога ја измив со шампон немаше потреба од регенератор, ставив само витамини за коса на Натура Сиберика кои редовно ги употребувам.

Ете драги мои, гледате колку беше едноставно, а сепак верувајте доста ефикасно.

Се надевам дека ќе се обидете да ја направите оваа маска и дека ќе ви се допадне. Доколку ја направите споделете ги овде вашите искуства со сите нас. Јас сум пресреќна да слушнам какво било дејството кај вас и како ви се допаднала. Сите сме различни, така да секој коментар е добредојден.

Голем поздрав и до следно читање
Вики

Comments