Мали креативни трикови за вашите Новогодишни или Божиќни подароци


Здраво драги мои,

во оваа статија сакам да ви покажам како со малку креативност може да добиете оригинални опаковки кои ќе ги остават без зборови луѓето на кои ќе им ги подарите. Во продавница денес навистина може да се најде сѐ и сешто, меѓутоа доколку дома ги имате следниве материјали и доколку сте љубители на проектите направи сам, во тој случај внимателно читајте затоа што статијава е за вас.

Ќе ви предложам два навистина интересни проекти односно кутија за чување на путер за тело (од оние цврстите) и ќеса за подароци.

1. Оригинална персонализирана кутија за путер или подарок


Сакате оваа година некому да му подарите производ кој сами сте го направиле, на пример цврст путер за тело, меѓутоа не знаете во што да го спакувате? Без проблем. Најнапред потребно е да најдете некоја кутија или пак тегличка која ја имате дома, па дури потоа да го направите путерот со оглед на тоа што димензиите треба да бидат слични (односно путерот за нијанса помал од опаковката за да може да влезе внатре). Откако ќе најдете кутијата или тегличката може да ја разубавите по пат на техниката декупаж.

Потребни состојки ќе бидат:

салфетка или хартија за декупаж
лепак за декупаж (по можност со гел два во еден)
малку креативност и фантазија


Не сум експерт по декупаж, меѓутоа ќе ви кажам како правам јас (од аспект на најобична креативна девојка). Најнапред измерете ги деловите кои треба да ги користите за декупаж на самата кутија и исечете ги или скинете ги со рака. Потоа убаво измијте ја кутијата и оставете комплетно да се исуши над една крпа.


Откако ќе се исуши премачкајте ја со лепак ставете ги внимателно парчињата салфетка или оризова хартија и повторно премачкајте одозгора. Доколку користите салфетка користете го само најгорниот дел.



Оставете убаво да се исуши и вашата кутија е готова. Погледнете колку убаво изгледа.


2. Оригинална ќеса за подароци

Земете најобична хартиена ќеса во било која боја и разни материјали кои ги имате по дома како чипка, сатен, плиш и.т.н. Она што вам ви се допаѓа. Со малку фантазија почнете да ги редите материјалите во онаа форма и димензија која вам ви се допаѓа и почнете да ги лепите на ќесата.






Навистина е доста оригинално нели???

Дали ви се допаѓа да правите вакви персонализирани подароци и што досега сте направиле???

Поздрав
Вики

Comments