Хидролат од лаванда: најдобар пријател на нашата кожа


Здраво драги мои,

како што можевте да забележите од насловот, во денешнава статија ќе говорам за хидролатот од лаванда. Кога го користам терминот хидролат, мислам на чиста течност добиена директно од лавандата по пат на дестилација со водена пареа, а не на течност добиена со помош на вода и етерично масло. При процесот на дестилација од една страна се добива етеричното масло, а од друга страна водата од лаванда, односно чистиот хидролат.

Го нареков најдобар пријател на нашата кожа затоа што одговара за скоро секаков тип на кожа и проблематика: од сува и чувствителна, до комбинирана и масна кожа со неправилности, па дури и кај детската кожа.

Зошто е тоа така?  Какви својства има лавандата нанесена врз кожата???

Пред да ги разгледаме својствата на оваа неверојатна билка, најнапред да ви кажам дека постојат околу 40 видови на лаванда, иако најпознати се: lavanda officinale и lavanda ibrida. И двата вида ги имаат истите својства со мала разлика: lavanda officinale е поблага и има изразито цветен мирис, додека lavanda ibrida, има посилен мирис со изразена балсамична нота.


Хидролатот добиен и од двата типа на лаванда има пред сѐ ленитивно, но и антисептичко дејство врз кожата, меѓутоа оној од lavanda ibrida има за нијанса поголем антисептички ефект кој е идеален во случај на масна и нечиста кожа со неправилности како црнки, акни и.т.н.

Ајде сега подетално да проговориме за бенефициите од користењети на хидролатот од лаванда и на кои сѐ начини може да го употребувате врз кожата.

Хидролатот од лаванда ги има следниве својства врз кожата:

1. Ленитивно (смирувачко) дејство: хидролатот од лаванда има огромно смирувачко дејство врз кожата, особено доколку станува збор за иритирана кожа или премногу чувствителна кожа склона кон иритации. Се користи на тој начин што се испрскува директно врз чиста кожа на лицето и се тапка со прстите додека да се впие во самата кожа.

2. Тонифицирачко дејство: благодарение на состојките природно присутни во самата лаванда, овој хидролат има способност да ги затвора порите на лицето. Доколку го нанесете на кожата по чистењето на лицето има функција на тоник и ја прави самата кожа покомпактна, тонизирана и го помага природниот баланс на кожата.


3. Релаксирачко дејство: билката од лаванда е позната по големото релаксирачко дејство врз организмот. Така и нејзиниот хидролат има големо релаксирачко дејство не само врз кожата, туку и  врз сетилата. Доколку се нанесе навечер по чистењето на кожата на лицето, не само што ќе ги затвори порите (како што веќе напоменав), туку и ќе ви даде чувство на свежина на самата кожа и ќе ве ослободи од евентуалниот стрес насобран во текот на денот.

4. Антисептичко дејство: како што веќе напоменав, двата вида на лаванда, особено lavanda ibrida има антисептичко дејство врз кожата. Одлична е во случај на масна кожа со неправилности, со оглед на тоа што го спречува бактериското дејство врз кожата, а со самото тоа и евентуалните инфекции врз кожата предизвикани од самите бактерии.

Како да го користиме хидролатот од лаванда за најдобар ефект???



1. Чист на кожата: се испрскува мала количина од овој хидролат директно врз кожата и се тапка со прстите сѐ додека не се впие комплетно.

2. Во случај на подуени или воспалени очни капаци: се прска поголема количина од овој хидролат на едно памукче и истото се става врз капакот ма окото. Се остава така околу 10 минути и се лежи со затворени очи.

3. Во маски за кожа: во зависност од типот на кожата се прават маски за лице со состојки погодни за самиот тип на кожа, и наместо вода се додава од овој хидролат.

4. Во случај на масна коса по миењето на косата испрскајте го коренот со малку хидролат од лаванда. Потоа исушете ја косата како што нормално правите. Со редовна употреба ќе забележите подобрување и коренот помалку ќе се масти.

5. Во случај на розацеа испрскајте врз чиста кожа малку од овој хидролат, наутро и навечер и со помош на прстите тапкајте ја кожата додека да се впие.

6. Во домашни креми, серуми или гелови наместо вода слободно ставете хидролат од лаванда. Ќе ја зголеми ефикасноста на кремот и ќе допринесе за убав мирис.


Кога купувате хидролат од лаванда не очекувајте да мириса како етеричното масло, во смисла да има толку силен мирис. Хидролатот има поблаг мирис и мириса повеќе на билка, со оглед на тоа што не е концентриран како етеричното масло. На почеток можеби ќе ви биде чуден мирисот, особено доколку го користите за првпат, меѓутоа верувајте ми ќе откако ќе видите какви чуда прави врз кожата, ќе се навикнете. Сепак мирисот е пријатен, само поразличен од етеричното масло.

Со оглед на тоа што овој хидролат (како и останатите роза, липа, хамамелис, камилица и.т.н.) е чувствителен, бирајте само хидролати кои се спакувани во темно шише. Темното шише го штити хидролатот од предвремено расипување.

Доколку имате сува и чувствителна кожа која е склона кон иритации, страдате од розацеа, или пак имате масна кожа со неправилности, хидролатот од лаванда е вистински избор за вас. Кожата ќе ви биде благодарна и ќе ви возврати со здравје, сјај и убавина.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна.
Дали до сега сте пробале хидролат од лаванда на лицето и како ви се допаднал??? Вашите коментари се добредојдени под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments