Здрава, мека и сјајна коса со неверојатно функционалните производи на Oma Gertrude


Здраво драги мои,

бројот на девојките кои ме прашуваат за препорака на производи за коса како шампони и пред сѐ маски секој ден е сѐ поголем. За да ги задоволам сите вкусови и потреби, јас сум во постојана потрага по нови функционални производи кои ги тестирам и верувајте штом најдам нешто што вреди, веднаш го споделувам со сите вас овде на блогот.

Во оваа статија ќе говориме за една марка на производи која од неодамна се појави кај нас и која не само што е природна, сертифицирана и убаво формулирана, туку дава и фантастични ефекти врз косата. А тоа е она што сите ние го бараме од еден производ, нели??? Станува збор за марката Oma Gertrude.

Со оглед на тоа што за првпат ја рецензирам оваа марка на производи, би сакала да кажам збор два за самата марка.
  
Во јужниот дел на Германија, живеела прекрасната баба Гертруда. Целиот свој живот ги истражувала билките, растенијата, тревките и комбинациите од нив, создавајќи неверојатни благопријатни комбинации за различни третмани на кожата и косата. Така настанала оваа прекрасна линија според рецептот на бабата Гертруда.




Сите производи на линијата имаат германски сертификат BDIH (за природна и органска козметика) и ги исполнуваат највисоките стандарди определени од самиот сертификатор.

·         Органските екстракти се одгледувани во биолошки фарми или на места кои ги исполнуваат високите стандарди за незагадена, природна животна средина, што значи за секоја билка е многу битно на која надморска висина ќе расте. Исто така, строго е пропишан терминот за секоја билка или растение кога треба да се бере, а бербата се уште се одвива рачно и се сушат по природен пат. 

      Производствените процеси се комплетно еколошки каде ГМО состојки, синтетички мириси и состојки кои се производ на нафтени деривати се најстрого забранети. 

Од оваа марка постојат разни видови на шампон за скоро секоја состојба и проблематика на косата. Во оваа статија, јас ќе ви ги претставам шампонот и маската за сува и оштетена коса.


Верувајте ми претставуваат добитна комбинација за сите оние кои имаат сува и оштетена коса со оглед на тоа што косата ја враќаат во форма и даваат неверојтен сјај и здрав изглед.

1. Шампон за сува и оштетена коса


Терминот Aufbau во превод значи “структура“, што значи дека самиот производ има за цел да ја подобри структурата на влакното, правејќи ја косата поцврста и поотпорна. Има убава гел структура и мирис кој неможам точно да го дефинирам со блага билна нота.


Формулата на овој производ е одлична, блага и избалансирана, со внимателно одбрани состојки и комбинација на сурфактанти, а тоа ќе може да го видите и од декларацијата: 


INCI: Aqua, Sodium Coco-Sulfate, Cocamidopropyl Betaine, Glycerin, Lauryl Glucoside, Avena Sativa Kernel Extract*, Urtica Dioica Extract*, Sodium Chloride, Guar Hydroxypropyltrimonium Chloride, Tocopherol, Citric Acid, Benzyl Alcohol, Sodium Benzoate, Potassium Sorbate, Xanthan Gum, Parfum, Limonene, Linalool. 

Како главен сурфактант во овој производ е употребен Sodium Coco-Sulfate кој во комбинација со глицеринот, бетаинот (Cocamidopropyl Betaine) и Lauryl Glucoside, кој исто така е сурфактант, дава блага формула која одлично ја измива косата. Значи формулата која е база на овој производ одлично е избалансирана.

Екстрактот од органски овес содржи важни витамини и аминокиселини кои ја хидрираат и зајакнуваат косата, ја спречуваат појавата на расцветани врвови и ја подобруваат структурата на влакното. Ете зошти овој шампон е наречен структура.

Екстрактот од органска коприва ја зацврстува косата и може да се покаже корисен и при многу сува кожа на темето со оглед на тоа што омекнува.

Овој производ иако е многу благ, одлично измива и прави доволно пена (благодарение на комбинацијата на сурфактантите како што претходно кажав). На сликата подолу може да видите каква пена прави производот.


Нешто важно што мора да напоменам е дека по употребата косата останува чиста минимум 3 дена. Шампонов го пробавме јас и Нермина и двете три дена по ред имавме перфектно чиста коса. Одговара како за тенко влакно (на пример моето) така и за погуста коса (на пример на Нермина) и дава навистина неверојатен сјај. Косата ја чувствувате мека, нахранета и свиленкаста.



Една одлична особина на овој производ е големото пакување со ниска цена. Шампонот доаѓа во 500 мл. пакување и навистина многу ќе ви трае, Според мене е погоден за целата фамилија затоа што е навистина многу, многу благ.

2. Регенерирачка маска за сува и оштетена коса


Негата на косата секако не може да биде потполна без соодветен балзам или маска за коса. Затоа, како што веќе ви напоменав ќе ви ја претставам маската од истата линија за сува и оштетена коса. Оваа маска има многу убава лесна структура и одлично ја омекнува косата.

И овде може да го забележите зборот Aufbau, односно структура, што значи дека маскава е специјално формулирана да ја подобри структурата на косата. Ајде да ја разгледаме декларацијата и на овој производ:

INCI: Aqua, Cetearyl Alcohol, Glycerin, Distearoylethyl Dimonium Chloride, Cocos Nucifera Oil, Olea Europaea Fruit Oil*, Vitis Vinifera Seed Oil*, Hydrolyzed Wheat Protein, Guar Hydroxypropyltrimonium Chloride, Tocopherol, Sodium Benzoate, Potassium Sorbate, Benzyl Alcohol, Dehydroacetic Acid, Citric Acid, Parfum, CI 77288, CI 77492. (*) – issued from organic agriculture

Овој производ, како што веќе напоменав, содржи состојки кои неверојатно ја омекнуваат косата, ја подобруваат структурата на влакното и даваат неверојатен сјај. Од масла содржи кокосово, маслиново и масло од семки од грозје кои се добитна комбинација за сува и оштетена коса.


Маслиновото масло е богато со витамини и аминокиселини кои се од особено значење за сувата и оштетена коса.

Маслото од семки од грозје е одлично за нега на косата, со оглед на тоа што длабински ја храни и го зголемува сјајот на влакното. Ја штити косата од стрес при нагли промени на температура како ладно во зима и топло во лето.

Кокосовото масло дава огромен сјај на косата и одлично ја омекнува косата.

Од екстракти користени пшенични протеини кои се од основно значење за подобрување на структурата на влакното и за здрав изглед на косата.

Како што напоменав структурата на оваа маска е густа, меѓутоа лесна и погодна е како за густа така и за коса со потенко влакно. Единствен мој совет ви е доколку имате густо влакно нанесете ја маскава по шампонирањето, оставете да делува околу 5 мин. и измијте само со вода.


Во случај на тенко и нежно влакно подобро е доколку прво ја нанесете маската и оставите да делува еве 10 мин. па потоа да ја измиете со шампонот на Oma Gertrude. На овој начин влакното ќе биде нахрането, а сепак косата нема да ви биде отежнета.

Драги мои, верувајте ми доколку сте во потрага по една високо квалитетна линија на производи за коса која нема да ви го отежни паричникот, а ќе ви даде неверојатни ефекти, топло ви советувам да ја пробате оваа марка. Постојат шампони за волумен, секојдневна употреба, масна коса и.т.н. Јас го одбрав овој затоа што имам сува коса, меѓутоа вие слободно одберете она што вам повеќе ви се допаѓа и одговара.

Дали досега сте пробале некој од производиве за коса на Oma Gertrude и како сте задоволни? Секој ваш коментар е добредојден под статијата.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Viki, kade moze da se najdat ovie proizvodi?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга, може да ги најдеш во Космо и во Тинекс Маркети . Поздрав.

      Delete

Post a Comment