Рецензија на зацврснувачката маска на Natura Siberica ( Extra-Firming Facial Mask)


Здраво драги мои,

во последниов период тестирав еден навистина корисен производ, за среќа на сите мои читателки со повозрасна кожа, кој видно ја подобрува структурата на самата кожа, ги ублажува брчките на лицето, има благо избелувачко дејство (во случај на темни дамки) и видно го подобрува колоритот на самата кожа. Станува збор за зацврснувачката маска за лице на  Natura Siberica (Еxtra firming facial mask).

Постојат две варијанти на оваа маска дневна (оваа за која јас ќе пишувам во денешнава статија) и ноќна. Разликата е секако најнапред во составот на самиот производ, а потоа и во начинот на употреба: дневната маска се држи околу 15 мин. и потоа темелно се измива, додека ноќната се нанесува пред спиење и се остава да делува во текот на ноќта.

Ова не значи дека дневната маска не може да се нанесе и навечер...може, меѓутоа потребно е да ја измиете (не се остава да делува цела ноќ како нејзината ноќна варијанта). По измивањето може да го нанесете вашиот ноќен крем за лице.

Јас лично кога правам маски најчесто тоа го правам за време на викендот преку ден кога сум послободна и имам повеќе време на располагање. Меѓутоа, доколку добијам желба да направам маска во некој работен ден, обично тоа го правам навечер пред легнување на убаво исчистена кожа. Меѓутоа за употребата ќе говориме подоцна во статијата.

Најнапред, како и за секој производ, ајде да ја разгледаме заедно декларацијата на оваа маска и да проговориме за состојките во истата.

Inci: Aqua (Water), Caprylic/capric Triglyceride, Kaolin, Glyceryl Stearate SE, Cetearyl Alcohol, Octyldodecanol, Coco Caprylate/ Caprate, Glycerin, Oenothera Biennis (Evening Primrose) Oil, Amaranthus Caudatus Seed Oil, Rosacanina(Rosehip) Fruit, Pinus Sibirica Seed Oil, Polyglyceryl-6 Esters PS, Cetraria Nivalis Extract, Rhodiola Rosea Root Extract wh, Achillea Asiatica Extract, Chamomilla Recutita (Matricaria) Flower Water, Calendula OffIcinalis (Calendula) Flower Extract, Spiraea Ulmaria Extract, Melissa Officinalis Flower/leaf/stem Water,Saponaria Officinalis Root Extract, Tocopherol, Sodium Stearoyl Glutamate, Xanthan Gum, Benzyl Alcohol, Dehydroacetic Acid, Sodium Benzoate, Potassium Sorbate, Parfum (Fragrance), Linalool


Од самата декларација може да забележиме дека базата на оваа маска се вода, каприлик (кој е навистина многу лесно масло и дава свиленкаст ефект на производот) и каолин, односно бела глина која има прочистувачко и омекнувачко дејство врз самата кожа. Оваа глина е многу понежна на пример од зелената, и погодна е за сите типови на кожа, па дури и за чувствителната.

Гледајќи ја декларацијата во целост, може да кажам дека навистина ми се допаѓа комбинацијата на сите екстракти, масла и хидролати кои се употребени во овој производ, особено нивниот меѓусебен сооднос.

Особено ми се допаѓа маслото од жолто ноќниче (Evening Primrose) кое е најдобар сојузник на жената. Ова масло е многу моќен антиоксиданс и го спречува штетното влијание на слободните радикали врз кожата. Со самото тоа има големо анти ејџ влијание и ги враќа изгубената еластичност и сјај на кожата.

Маслото од шипка (Rosehip) е исто така многу моќно кога станува збор за спречување на појавата на брчки на кожата и за оддржување на еластичноста и тонусот на самата кожа. Ова масло е богато со Ц витамин и е многу корисно во случај на темни флеки на кожата.

Морам да напоменам дека овој производ е вистински мал рудник на екстракти од многу корисни сибирски билки со исклучително дејство врз кожата како:

снежна кладонија: содржи уснинска киселина која има регенеративно дејство врз кожата и го забавува процесот на стареење;  
сибирски златен корен: познат како “најдобро чуваната тајна на долговечноста“, оваа билка е една од најефикасните за забавување на стареењето, намалување на брчките и подобрување на еластичноста на кожата;
сибирски ќедар: го враќа тонусот на кожата и ја штити самата кожа од надворешните влијанија.

Откако ја разгледавме декларацијата, ајде да преминеме на структурата, употребата и ефектот од оваа маска врз лицето.


Маската има средно густа структура која е многу пријатна за нанесување и има прекрасен мирис на билки кој мене лично ме освои. Многу лесно се нанесува и скоро да не ја чувствувате на лицето бидејќи воопшто не затега, туку напротив храни и омекнува.



Како што на почетокот кажав се нанесува на убаво исчистено лице, на сува кожа и се остава да делува 15 минути. По истекот на времето темелно се мие и се нанесува тоник и крем за лице.



Ефектот од оваа маска е видлив секако со редовна употреба (на самата опаковка пишува дека најидеално е да се употребува двапати неделно), меѓутоа уште по првата употреба кожата ја чувствувате многу помека, понахранета, воопшто не затега и има поубав сјај. Секако за зацврснувачкиот ефект, намалувањето на брчките и избелувањето на евентуални темни флеки, потребна е континуирана употреба. 

Мене лично многу ми се допаѓа и ја препорачувам на сите оние кои немаат многу време да прават сами дома маски, како превенција од предверемено стареење и за повозрасна кожа. Доколку спаѓате во оваа категорија, слободно земете ја, ќе бидете воодушевени.

Драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист.

Јас ве гушкам силно и ви закажувам нова средба многу наскоро.

Поздрав
Вики


Comments

  1. Ти благодарам за оваа рецензија, пред некое време го открив овој бренд, и беше љубов на прв поглед, првенствено поради прекрасниот дизајн на амбалажата. Планирам да ги купам дневната и ноќната маска за лице. Планирам да ги купам кремите за комбинирана кожа Софора Јапоника од овој бренд и сапунот за детокс, само не знам кој крем за очи е добар од овој бренд Натура Сиберика, дали може да ми предложите некој? Над 30 годишна возраст и да не е анти-ејџ, без хијалурон и ретинол?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Елена, од оваа марка за жал ги немам пробано кремите за лице, ниту пак за околу очи, така да не би знаела да ти кажам За крем околу очи мој совет ти е да го земеш оној на Др. Хаушка. Преубав е и мислам дека сите кои го пробале имаат позитивно мислење. Поздрав.

      Delete

Post a Comment